ЗАКАЖЕТЕ ПРЕГЛЕД

Дали пробиотиците навистина помагаат при подуваност и каква е поврзаноста со естрогенот и хормоните?

Во нутриционистичката пракса, при започнување на нов план на исхрана, често препорачуваме внес на пробиотици, особено кај лица кои имаат проблеми со подуеност или запек. Пробиотиците не се само „добри бактерии“ кои помагаат варењето, тие играат значајна улога и во одржувањето на хормоналната рамнотежа, особено кога станува збор за естрогенот и здравиот цревен микробиом.

Честите симптоми на подуеност, ПМС, зголемено насобирање масти во пределот на колковите, можат да бидат како резултат на повисоко ниво на естроген, па овој блог пост ќе го посветиме на тоа како пробиотиците и дали се наши сојузници во олеснување на овие симптоми. Затоа, кога зборуваме за хормони и нивна рамнотежа, мора да ги разбереме процесите кои се одвиваат во црниот дроб и цревата, бидејќи токму таму започнува правилниот метаболизам и елиминација на хормоните.

Како телото се справува со естрогенот

Естрогенот е природен хормон кој влијае на менструалниот циклус, метаболизмот, здравјето на коските и расположението. По неговата употреба, телото мора да го елиминира вишокот за да избегне хормонален дисбаланс. Овој процес започнува во црниот дроб, каде што естрогенот се трансформира во форма што може да се исфрли преку жолчката и столицата. Но, ако цревата не функционираат правилно, на пример, при запек, нарушен цревен микробиом или воспалителни процеси, дел од елиминираниот естроген повторно се активира и враќа во крвотокот. Овој феномен доведува до вишок естроген и создавање симптоми кои често се припишуваат на хормонален дисбаланс.

Улогата на цревниот микробиом и естроболомот

Цревниот микробиом содржи милијарди микроорганизми кои влијаат на здравјето на целиот организам, вклучувајќи ја и регулацијата на хормоните. Во рамките на микробиомот постои специфична група бактерии наречена естроболом.
Естроболомот произведува ензим наречен β-глукуронидаза, кој учествува во разградувањето и елиминацијата на естрогенот.

Кога микробиомот е во рамнотежа, овој процес се одвива природно, телото правилно го исфрла вишокот естроген, а менструалниот циклус останува стабилен. Но, кога исхраната е сиромашна со растителни влакна, кога има хроничен стрес, злоупотреба на антибиотици или недоволно физичка активност, активноста на овој ензим се зголемува, што резултира со повторна апсорпција на естроген и создавање на симптоми како подуеност, тежина во телото и нередовен циклус.

Како пробиотиците помагаат

Одредени видови пробиотици, особено од родот Lactobacillus и Bifidobacterium, можат да ја намалат прекумерната активност на β-глукуронидазата, да го поддржат здравиот цревен микробиом и да помогнат за редовна столица. На овој начин, тие индиректно ја намалуваат повторната апсорпција на естроген и го поддржуваат неговото нормално елиминирање од телото. Со подобрување на здравјето на цревата, пробиотиците помагаат и во подобра апсорпција на хранливи материи, стабилизирање на енергијата и ублажување на ПМС симптомите. Затоа, нивната примена во рамки на план на исхрана има многу пошироко дејство од само подобрување на варењето.

Кога пробиотиците не се доволни

Некои истражувачи посочуваат дека ако телото нема функционален пат за елиминација на хормоните, на пример, ако црниот дроб е преоптоварен, ако постои хроничен запек или воспаление во цревата, тогаш само со внес на пробиотици не може целосно да се реши проблемот. Во такви случаи, се поставува прашањето дали е потребно да се интервенира уште подлабоко, со суплементи кои ја намалуваат активноста на ензимот ароматаза, одговорен за претворање на андрогените во естрогени.

Овој пристап има за цел да се реши проблемот „во корен“, да се намали вкупното производство на естроген, а не само неговата елиминација. Сепак, ваквите интервенции секогаш треба да се спроведуваат под стручна контрола и индивидуална проценка.

Заклучок

Во нутриционистичката пракса, често препорачувам пробиотик при започнување на нов план на исхрана, особено кај лица кои се соочуваат со подуеност, запек или симптоми на хормонален дисбаланс. Причината е што пробиотиците помагаат во воспоставување на нормална цревна функција и одржување на здрав цревен микробиом, што е основа за правилен метаболизам на естрогенот.

Овој процес не претставува „детокс“, туку поддршка на природната функција на телото да ги елиминира хормоните онака како што е предвидено.
Со подобрување на здравјето на микробиомот и правилно варење, се поддржува хормоналната рамнотежа, се намалува ризикот од ПМС, а телото полесно се справува со секојдневниот стрес и хормонските промени.