ЗАКАЖЕТЕ ПРЕГЛЕД

Бакар: Тивок сојузник на железото

Кога зборуваме за анемија и недостаток на железо, најчесто целото внимание оди на железото. Но телото не функционира со изолирани нутриенти. За железото навистина да си ја заврши работата, му е потребна поддршка.

Бакарот е микроелемент што ни е потребен во многу мали количини, но неговата улога е клучна. Тој учествува во апсорпцијата, транспортот и искористувањето на железото. Без доволно бакар, железото не може ефикасно да се вгради во хемоглобинот, дури и кога внесот на железо е сосема солиден.

Во позадина работат ензими зависни од бакар, кои го „подготвуваат“ железото за транспорт и употреба. Со други зборови, железото и бакарот се тим, едното без другото не дава целосен ефект.

Кога бакарот недостасува, симптомите често личат на класична анемија: замор, слабост, намален имунитет, чувство дека енергијата постојано недостига. И тука често се прави грешката – се додава уште железо, а вистинскиот проблем останува незабележан.

Бакарот придонесува за:

- нормално создавање на црвени крвни клетки

- подобра енергетска продукција

- здрав нервен систем

- силен имунитет

- синтеза на колаген, важен за кожа и зглобови

Најдобриот начин да го внесеме е преку храна. Бакар природно се наоѓа во намирници што и онака ги препорачувам во балансирана исхрана: јаткасти плодови како бадеми и индиски ореви, семки од сончоглед и тиква, мешунки како леќа и наут, цели зрна, остриги, како и какао и темно чоколадо. Разновидноста е клучот.

Кај хронична анемија, фокус само на суплементи со железо не секогаш носи резултати. Исхраната функционира најдобро кога нутриентите се во рамнотежа. Вишок железо без доволно бакар може да го наруши неговиот метаболизам, исто како што и прекумерен внес на бакар не е посакуван.

Затоа, секогаш тргнуваме од храна, од целината, од контекстот на организмот, а не од изолиран нутриент.

Бакарот можеби е „трага“ минерал, но неговото влијание врз енергијата, крвната слика и имунитетот е далеку од мало. Понекогаш, токму најмалите детали ја прават најголемата разлика.

Нутр.Пренџова