Витамин Ц е неопходен за одржување на здрав имунитет, здрава кожа и заштита од оксидативен стрес. Но, не сите форми на овој витамин се апсорбираат на ист начин, ниту пак времето на внес е секогаш безначајно. За оптимална апсорпција и подобра искористливост, важно е да се разберат разликите меѓу формите и времето на внесување.
Аскорбинска киселина – основната форма на витамин Ц
Аскорбинската киселина е најчесто користената форма на витамин Ц. Таа е хемиски идентична со природниот витамин Ц присутен во овошјето и зеленчукот.
Иако често се смета дека природниот витамин Ц се апсорбира подобро, студиите покажуваат дека природниот и синтетичкиот витамин Ц имаат иста биорасположливост.
Главниот недостаток на аскорбинската киселина е нејзината киселост, што може да предизвика непријатност кај лица со чувствителен желудник, особено при повисоки дози.
Калциум аскорбат – поблага форма со подобра толеранција
Калциум аскорбатот е некиселинска форма на витамин Ц која е погодна за луѓе со чувствителен дигестивен систем. Во неа, аскорбинската киселина е сврзана со калциум, што ја неутрализира киселоста и ја прави поблага за желудникот.
Истражувањата укажуваат дека калциум аскорбат може да доведе до повисоки концентрации на витамин Ц во белите крвни клетки, што е особено важно за поддршка на имунолошкиот систем.
Липозомален витамин Ц – највисока апсорпција
Липозомален витамин Ц е најиновативната форма, создадена со технологија која овозможува значително повисока апсорпција и искористливост. Во оваа форма, молекулите на витамин Ц се инкапсулирани во липозоми – микроскопски честички од масти кои го штитат овој витамин од разградување во дигестивниот тракт.
Оваа технологија овозможува:
- полесно минување низ цревната бариера,
- директна достапност до клетките,
- повисоки и постабилни концентрации во крвта и ткивата.
Според клинички истражувања, липозомалниот витамин Ц создава до 2-3 пати повисоки плазматски нивоа во споредба со обичната аскорбинска киселина, што го прави најбиорасположливиот облик.
Хидросолубилен (водорастворлив) витамин Ц – кога и како да се зема
Витаминот Ц е водорастворлив (хидросолубилен), што значи дека лесно се апсорбира во телото, но не се складира. Организмот го користи потребното количество, а вишокот се елиминира преку урината.
Поради тоа, најдобро е да се зема секојдневно, во помали дози, наместо еднаш дневно во голема количина.
Најдоброто време за внес е:
- на празен стомак – наутро, околу 30 минути пред оброк,
- или два часа по јадење, за да се овозможи подобра апсорпција.
Редовниот внес е клучен, бидејќи организмот нема капацитет да го создава или складира овој витамин, што го прави овој витамин есенцијален нутриент кој мора да се внесува преку исхраната или додатоците.
Безбедност и препорачани дневни дози
Сите форми се генерално безбедни кога се земаат во препорачаните количества.
Според Food and Nutrition Board на National Academies of Sciences, Engineering, and Medicine, препорачаните дневни вредности се:
- 90–120 mg за возрасни,
- 15–115 mg за деца и адолесценти,
- +35 mg повеќе за пушачите, поради зголемен оксидативен стрес.
Извор: National Institutes of Health – Vitamin C Fact Sheet
Заклучок
Сите форми на овој витамин ја исполнуваат истата основна функција, но начинот на апсорпција и толеранцијатасе разликуваат.
- Аскорбинската киселина е класична и ефикасна форма.
- Калциум аскорбат е поблага и погодна за чувствителен желудник.
- Липозомалниот витамин Ц нуди највисока биорасположливост.
Бидејќи витаминот Ц е водорастворлив и не се складира, најважно е да го внесувате редовно, во вистинско време и форма што најдобро одговара на вашето тело.
